Прескокни до содржината

Политика за приватност

Оваа политика објаснува кои Ваши податоци ги чуваме, зошто ни требаат, каде се чуваат и кој уште ги обработува. Објаснува и како да ги видите, поправите или избришете.

Ова е работна верзија за бета-тестирањето на Hustle. Сè уште не ја прегледал адвокат; ќе ја прегледа по инвестицијата.

Верзија 2026-10-beta-8, важи од 22 октомври 2026.

Кој е одговорен

За Вашите податоци на Hustle одговара Verteks Konsalting (Vertex Consulting), компанија од Струмица, Северна Македонија. Hustle е нејзин проект.

За сè што е поврзано со Вашите податоци пишете ни на kontakt@hustle.mk.

Кои податоци ги чуваме

Кога се регистрирате, ги чуваме:

  • е-адресата
  • лозинката, но ние не ја гледаме: ја чува нашиот давател за најава, Supabase, и тоа само во хаширан облик
  • името
  • типот на сметката: бизнис или фриленсер
  • датумот на раѓање
  • јазикот
  • која верзија од овие документи сте ја прифатиле и кога
  • дали сте во тимот на Hustle и на кое ниво

Ако се регистрирате со Google, Google ни ги дава Вашето име и е-адреса.

Кога го пополнувате профилот, ги чуваме и:

  • за учениците и студентите: фотографијата (ако ја додадете), категориите и вештините, биографијата, градот, училиштето или факултетот (ако го наведете), достапноста, минатите проекти со нивните слики и линкови, и сертификатите со нивните датотеки
  • за бизнисите: името на бизнисот, логото (ако го додадете), категоријата, описот, градот, веб-страницата и профилите на социјалните мрежи
  • услугите што ги нудат учениците и студентите: насловот, категоријата, описот, што им треба од бизнисот, цената, рокот, круговите корекции и сликите
  • потребите што ги објавуваат бизнисите: насловот, категоријата, описот, буџетот, рокот и прилозите (сликите и PDF-датотеките се јавни, на страницата на потребата)
  • пријавите што ги праќаат учениците и студентите на потребите: пораката, цената, рокот и избраните проекти или услуги; пријавата ја гледаат само тој што ја испратил, бизнисот што ја објавил потребата и тимот на Hustle
  • одлуките на бизнисот за пријавите
  • што пронашол филтерот за клучни зборови и што одлучил тимот: одобрено, или вратено со белешка
  • кои известувања по е-пошта сакате да ги добивате
  • кој последен го зачувал профилот: Вие или администратор што Ви помага

Кога користите пораки, ги чуваме и:

  • разговорите: кој со кого разговара, дали барањето за разговор е прифатено или одбиено и кога кој последно ги прочитал пораките
  • пораките, заедно со фотографиите, PDF-датотеките и гласовните пораки во нив, и за што е пораката (услуга, потреба или пријава), ако е напишана од таму
  • кого сте блокирале
  • пријавите што ги праќате до тимот, со копија од пријавената порака
  • кога сме Ви пратиле е-порака за непрочитани пораки

Кога работите преку нарачка, ги чуваме и:

  • нарачката: бројот, насловот, цената, рокот, круговите корекции, од која потреба, понуда или услуга е, и за услуга, што бара ученикот или студентот и одговорот на бизнисот
  • секој чекор: прифаќање, одбивање, предавање, барање корекции, одобрување или откажување, кој го направил и кога, со белешката и причината
  • датотеките во брифот, предавањата и барањата за корекции; ги гледаат само двете страни и тимот на Hustle
  • рецензиите: оценката и текстот, кој ја напишал, за кого и за која нарачка; рецензиите се јавни на профилот
  • известувањата на сајтот и кога сме Ви пратиле е-порака за чекор на нарачка

Нашите даватели на хостинг и база на податоци чуваат и технички податоци: IP-адреси и записи за барањата до сајтот.

Пред бета-верзијата сајтот имаше листа на чекање. Податоците од неа се чуваат во Resend, како контакти. Луѓето од листата добиваат е-пошта за Hustle и можат да побараат да ги отстраниме.

За што ги користиме

Податоците ги користиме за да:

  • работи Вашата сметка
  • ги прикажуваме Вашиот профил и Вашите огласи
  • ја доставиме Вашата пријава до бизнисот што ја објавил потребата, и неговата одлука до Вас
  • ги доставиме Вашите пораки до другата страна и Ве известиме за непрочитаните
  • ја водиме нарачката меѓу Вас и другата страна, Ве известиме за секој нејзин чекор и ги прикажеме рецензиите
  • провериме дали имате најмалку 14 години и дали Вашите огласи прво треба да ги прегледа модератор
  • ги преведуваме Вашите текстови на другиот јазик
  • ја модерираме содржината и ги чуваме корисниците безбедни, со предупредувања и суспензии кога е потребно
  • Ви праќаме е-пошта поврзана со сметката
  • Ви одговориме кога ќе побарате поддршка

Не ги продаваме Вашите податоци и не ги користиме за рекламирање.

Јавниот профил

Профилот станува јавен кога е целосен. За ученик или студент тоа значи име, барем една категорија, биографија од барем 80 знаци и град. За бизнис: име на бизнисот, категорија, опис од барем 80 знаци и град. Дотогаш профилот го гледате само Вие и тимот на Hustle.

Јавниот профил на ученик или студент го прикажува целото име. Профилот на бизнис го прикажува името на бизнисот, а не Вашето. Датумот на раѓање, е-адресата и поставките никогаш не се прикажуваат.

Фотографиите, сликите од проектите и датотеките на сертификатите се јавни: ги гледа секој што ќе го отвори профилот. Јавните профили може да се појават и во пребарувачите, како Google.

Фотографиите и сликите ги намалуваме во Вашиот прелистувач пред да се прикачат. Притоа се бришат сите податоци зачувани во датотеката, како локацијата (GPS) и моделот на телефонот. Датотеките на сертификатите се прикачуваат како што се.

Пораките и тимот на Hustle

Тимот на Hustle може да ги чита разговорите меѓу корисниците и да ги модерира. Филтер за клучни зборови ги проверува сите огласи, текстови во профилите и пораки. Ако најде нешто, на пример телефонски број или навредлив збор, текстот не се прикажува јавно додека тимот на Hustle не го прегледа. Тимот може да го одобри или да Ви го врати со белешка.

Пораката што ја задржал филтерот не стигнува до другата страна додека тимот не ја одобри. Тимот може да скрие порака: тогаш двајцата гледаат само дека е скриена. Пораките во разговорот со „Hustle тим“ ги гледа само тимот, па таму филтерот ништо не задржува.

Фотографиите, PDF-датотеките и гласовните пораки во разговорите не се јавни. Ги гледаат само двајцата во разговорот и тимот на Hustle, преку врски што важат кратко. Фотографиите ги намалуваме во прелистувачот пред да се прикачат, па се бришат податоците во датотеката, како локацијата (GPS).

Ако некој Ви пише, а пораката стои непрочитана 30 минути, Ви праќаме е-порака што кажува кој Ви пишал, без содржината на пораката. Најмногу една на ден. Овие е-пораки може да ги исклучите во поставките на профилот.

Во бета-верзијата тимот лично им помага на корисниците да ги подготват профилите. Затоа членовите на тимот можат да уредуваат секој профил.

Што гледа тимот и што се запишува

Тимот на Hustle има три нивоа: модератор, администратор и сопственик. Сите ја гледаат содржината на сметките, и онаа што уште не е јавна. Администраторите и сопствениците гледаат и е-адресата, возраста во години (не датумот на раѓање), кога е направена сметката и кога последен пат сте се најавиле. Модераторите при пребарување гледаат само името, типот на сметката и дали профилот е целосен.

Модераторите ги отвораат разговорите од пријава или од порака што ја задржал филтерот, а администраторите и сопствениците и од страницата на корисникот. Секој пат кога член на тимот ќе отвори разговор во кој не учествува, пред да се прикажат пораките се запишува кој, кога, кој разговор и од каде. Разговорите со „Hustle тим“ се на тимот и нивното читање не се запишува.

Предупредувањата стигнуваат како порака од „Hustle тим“ во Вашиот разговор со „Hustle тим“. Ако тимот Ве предупреди или ја суспендира сметката, ги чуваме причината, белешката, кој од тимот и кога.

Го запишуваме секое дејство на тимот: промените на нивоата, предупредувањата, суспензиите и нивното укинување, нарачките што тимот ги откажал, скриените и повторно прикажаните пораки и рецензии, одлуките за задржаната содржина, профилите што тимот ги зачувал, промените на поставките на сајтот и секое читање на разговор. Записот кажува кој, кога, што и со која белешка. Тимот не може да ги измени ниту да ги избрише, а ги гледаат само сопствениците.

Корисници под 18 години

Hustle е за луѓе од 14 години нагоре. При регистрацијата го прашуваме датумот на раѓање. Ако некој е помлад од 14 години, не го регистрираме и не чуваме ништо од тоа што го внел.

Од 14 години за регистрација не е потребна согласност од родител: според Законот за заштита на личните податоци, 14 години е возраста за дигитална согласност.

Услугите и огласите од корисници под 18 години ги прегледува модератор од тимот на Hustle пред да се објават. Фотографијата на профилот не е задолжителна за никого, ни за малолетните.

Ако имате помалку од 18 години, училиштето или факултетот што ќе го внесете не се прикажува јавно. Го гледате само Вие и тимот на Hustle, а на профилот се појавува кога ќе наполните 18 години.

Кој ги обработува податоците и каде

Базата на податоци е во Ирска, во ЕУ. Овие компании ги обработуваат податоците за нас:

  • Supabase: база на податоци, сметки и датотеки, во Ирска, ЕУ.
  • Vercel: хостинг. Серверскиот код работи во Даблин, Ирска, а страниците се доставуваат преку светската мрежа на Vercel.
  • Resend: ги праќа е-пораките на Hustle, од регионот ЕУ во Ирска.
  • Google: ако се најавувате со Google, Google ни ги дава Вашето име и е-адреса.
  • Anthropic, американска компанија: преведува Ваши текстови со вештачка интелигенција и одговара во асистентот „Прашај“ на сајтот.
  • Cloudflare: DNS за доменот и препраќање на пораките испратени на kontakt@hustle.mk. Тие стигнуваат во сандачето на тимот на Gmail (Google).

Тоа што го пишувате во асистентот „Прашај“ се праќа до Anthropic за да се добие одговор. Hustle не чува ништо од тоа. Anthropic може да обработува текст и надвор од ЕУ.

Кога зачувувате текст во профилот (биографијата, вештините, градот, белешката за достапноста, проектите или описот на бизнисот), во услуга (насловот, описот и што Ви треба од бизнисот), во потреба (насловот и описот) или во пријава (пораката) или во рецензија, тој се праќа до Anthropic за да се преведе на другиот јазик. Ги чуваме и оригиналот и преводот. Имињата, училиштето и сертификатите не се праќаат. Пораките во разговорите и брифовите и белешките во нарачките не се преведуваат и не се праќаат до Anthropic.

Колачиња

Користиме само колачиња што се потребни за да останете најавени. Кога се регистрирате со Google, користиме и едно краткотрајно колаче што го памети првиот чекор од регистрацијата додека се најавувате.

Немаме колачиња за аналитика, рекламирање или следење.

Колку долго ги чуваме

Податоците ги чуваме додека постои Вашата сметка. Кога сметката ќе се избрише, ги бришеме и нејзините податоци.

Јавните слики (фотографии, логоа, слики од проекти и услуги) може да останат во кешот на прелистувачите и на мрежата до еден час откако ќе се избришат.

Со сметката се бришат и Вашите пораки и датотеките во нив. Другата страна го задржува разговорот со своите пораки и гледа дека профилот е избришан. Пријавата до тимот ја чува копијата од пријавената порака и по бришењето, за тимот да може да ја прегледа.

Нарачките остануваат кај другата страна, без Вашите датотеки, со ознака дека профилот е избришан; нарачка што не е завршена се откажува. Рецензиите што сте ги напишале и рецензиите за Вас се бришат со сметката.

Записите за дејствата на тимот, со читањата на разговори, предупредувањата и суспензиите, ги чуваме за да може тимот да провери што се случило.

IP-адресите и записите за барањата ги чуваат нашите даватели на хостинг и база на податоци, ограничено време, според нивните правила.

Вашите права

Според Законот за заштита на личните податоци, можете да побарате:

  • да Ви ги покажеме податоците што ги чуваме за Вас
  • да ги поправиме
  • да ги избришеме
  • да ја ограничиме нивната употреба
  • да Ви дадеме копија од нив, за да ги пренесете на друго место

Можете и да се спротивставите на тоа како ги користиме. Ако некои податоци ги користиме врз основа на Ваша согласност, можете да ја повлечете.

Барањата испратете ги на kontakt@hustle.mk. Сметката можете и сами да ја избришете, во поставките на Вашиот профил. Бришењето е веднаш и целосно: ги бришеме сметката, профилот, проектите, сертификатите и сите прикачени датотеки.

Ако мислите дека не постапуваме правилно со Вашите податоци, можете да се пожалите до Агенцијата за заштита на личните податоци (azlp.mk).

Промени на политиката

Оваа политика може да ја менуваме. Пред да стапи на сила некоја важна промена, ќе Ве известиме по е-пошта или на сајтот. Верзијата и датумот се на врвот на страницата.

Контакт

За прашања и барања околу Вашите податоци пишете ни на kontakt@hustle.mk.